Свет Европа Тројца бугарски државјани уапсени во Британија за шпионажа за Русија

Тројца бугарски државјани уапсени во Британија за шпионажа за Русија

Тројцата бугарски државјани се во притвор, а според објавените информации станува збор за 45-годишниот Орлин Русев, 41-годишниот Бисер Џамбазов и 31-годишната Катрин Иванова

Амбасадата на Русија во Лондон; Извор на фотографија: Roger Templeman, CC BY-SA 2.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=61992136

Британските служби уапсиле тројца бугарски државјани за шпионажа во корист на Русија, пренесува mediapool.bg. Еден од уапсените лица бил поранешен советник во бугарското Министерство за енергетика. Тројцата биле задржани уште во февруари годинава, но информацијата од британските власти е објавена денеска.

Тројцата бугарски државјани се во притвор, а според објавените информации станува збор за 45-годишниот Орлин Русев, 41-годишниот Бисер Џамбазов и 31-годишната Катрин Иванова. Британските власти ги обвинуваат дека работеле за руските безбедносни служби. Сите тројца подолг период живееле во Обединетото Кралство.

Најистакнатиот меѓу нив, поранешниот советник Русев имал бизнис контакти со Русија, а се преселил во Обединетото Кралство во 2009 година. Џамбазов и Иванова пак заминале од Бугарија пред околу 10 години, тој работел како шофер во болница, а Иванова работела како лаборантка во приватно здравство.

Тројцата обвинети државјани на Бугарија не се изјасниле во однос на поднесените обвиненија, а се очекува да бидат изведени пред судот во Лондон во јануари.