Македонија Трикратниот убиец од Кавадарци осуден на 40 години затворска казна

Трикратниот убиец од Кавадарци осуден на 40 години затворска казна

Основниот суд Велес го осуди на 40 години казна затвор, 42-годишниот Тони Станоев, кој во ноември минатата година, во Кавадарци, со пиштол ги уби мајката, таткото и сестрата на својата поранешна сопруга, јавува „Академик.мк“.

Судскиот совет, како што пренесува порталот, образложил дека пресудата била изречена во согласност со Законот за начинот на одмерување на казната.

Обвинителството, кое бараше доживотна казна затвор за Станоев, се очекува да поднесе жалба на пресудата, а истото го најавил и адвокатот на семејството, чии членови, разочарани од пресудата, коментирале дека „висината на казната е срам за македонското правосудство“.

Трикратното убиство во Кавадарци се случи на 9 ноември минатата година, кога обвинетиот Тони Станоев со пиштол, кој го поседувал со дозвола, со по еден куршум ги уби родителите на својата поранешна сопруга Данче Станоева – Илија Леов (61) и Билјана Леова (56), како и нејзината сестра Снежана Леова (33).

За случајот, судот во Кавадарци им изрече условна пресуда и казна од 200 евра за несовесно работење на двајца полицајци, кои не му го одзеле оружјето на Станоев, а условни казни им беа изречени и на социјалните работници кои донеле заклучок да не се постапува по пријавата на Станоева за семејно насилство, пишува „Академик“.