Македонија Три комисиски седници ќе се одржат во Собранието

Три комисиски седници ќе се одржат во Собранието

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се предлог-законот за дополнување на Законот за Државното правобранителство, предлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за вештачење, предлог-законот за дополнување на Законот за процена и предлог-законот за дополнување на Законот за бесплатна правна помош, сите во второ читање.

Членовите на оваа комисијата ќе расправаат и по измените и дополнувањата на Законот за катастар на недвижности во прво читање, по предлог-законот за амнестија на лица кои дале неточни изјави за годишните приходи во Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија во прво читање, како и по предлог-законот за изменување на Изборниот законик во прво читање.

На дневен ред на Комисијата за транспорт, врски и екологија се измените и дополнувањата на Законот за превоз на опасни материи во патниот и во железничкиот сообраќај, на Законот за јавните патишта и предлог-законот за урбано зеленило, сите во прво читање.

Членовите на Законодавно-правната комисија, меѓу другите точки, ќе ги разгледаат и предлог-законот за градежните производи, измените и дополнувањата на Законот за електронска трговија, на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, на Законот за хемикалии и на Законот за квалитетот на земјоделските производи.

Пратениците ќе расправаат и по предлог-законите за дополнување на Законот за социјалната заштита и на Законот за семејството, двата во второ читање.