Македонија Трајанов: Специјалното јавно обвинителство да се штити со цврсти докази

Трајанов: Специјалното јавно обвинителство да се штити со цврсти докази

Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, денеска од трибината во Кочани порача дека Специјалното обвинителство мора да работи професионално и своите одлуки да ги поткрепува со цврсти докази.

– Специјалното јавно обвинителство да работи професионално, законито и сите одлуки да бидат поткрепени со цврсти докази, како и транспарентно, како силна брана од обидите за негова блокада и дисквалификација – рече Трајанов на трибинаta, на која ја презентираше изборната предлог-програма „Промени, правда и прогрес“.

Трајанов порача дека се потребни суштински и коренити реформи за да се создадат услови за кредибилни избори.

– Мора да се реформира правосудниот систем, да се етаблира систем за одговорност на функционерите што го кршат уставот и на криминален начин стекнуваат капитал, да се отворат перспективи за младите да не бегаат во странство, а условите за инвестиции да бидат исти за домашните и за странските компании – рече Трајанов.

Лидерот на ДС, при презентирањето на програмата, рече дека неговата партија предлага минимална плата од 300 евра, минимална пензија од 200 евра, евтина тарифа за електричната енергија и милијарда евра за капитални инвестиции, нови технологии, развој на земјоделството и за проекти за младите.

На трибината присуствуваа повеќе од 200 граѓани, меѓу кои и стечајци кои побараа решавање на нивниот статус.