Македонија „Титаник 3“ се одложи поради отсуство на обвинетиот Ејуп Алими

„Титаник 3“ се одложи поради отсуство на обвинетиот Ејуп Алими

Судењето за предметот „Титаник 3“ денеска се одложи затоа тоа што координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Алими, кој е обвинет дека уништувал изборен материјал, не дојде на судењето. Во судницата беше присутен само обвинетиот Исмет Гури.

Адвокатот на Алими, Мефаиљ Арслани, рече дека тој бил на службено патување во Албанија и му достави на судот образложение за службено отсуство.

Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, побара адвокатот да објасни дали поканата од судот била лично до Алими или како до група и која била целта на патувањето и дали тоа било неодложно или можело да почека на што Арслани одговори дека патувањето било потпишано од генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Адвокатот рече дека не можел да потврди дали поканата е упатена кон него лично или кон пратеничките групи. Тој рече дека на средбата на групата „Жан Моне“ во Тирана биле поканети сите координатори на пратеничките групи и дека состанокот бил од техничка природа.

Следното рочиште е закажано за 27 април. Судот ќе побара на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да му се испрати известување во кои термини има закажано рочишта за предметот „Титаник 3“ и доколку Алими не може да присуствува само поради неодложни активности, да го известат судот.