Економија Тевдовски: Пораст на платите во текстилната и кожарската индустрија и до 21...

Тевдовски: Пораст на платите во текстилната и кожарската индустрија и до 21 отсто во март

Податокот кој го објави Државна статистика за растот на платите е показател дека економските политики и мерки кои ги спроведува Владата даваат резултати, рече министерот за финансии Драган Тевдовски денеска на прес-конференција пред Владата.

Тој се осврна на објавата на Статистика за раст на мартовската плата за 5,6 отсто на годишно ниво.

– Ако се погледнат првите три месеци годинава во однос на првите три месеци минатата година, растот е околу 5 отсто. Тоа е пред се поради една од првите мерки која ја донесовме, односно зголемувањето на минималната плата, која придонесе околу 90.000 работници во Македонија да имаат поголеми плати. За нас е важно што растот кај платите е предизвикан пред се од растот кај оние работници кои имаат најниски плати. Станува збор за работниците од текстилната, кожарската и индустријата за производство на облека. Тие претходно имаа неправедно пониско ниво на минимална плата – рече Тевдовски.

Тој додаде дека последниот извештај за платите во овие три индустрии за текстил, облека и кожа, растот на платите во март годинава во споредба со март лани се движи помеѓу 15 и 21 проценти.