Дописници Талески: Специјалното обвинителство се однесува садо-мазохистички

Талески: Специјалното обвинителство се однесува садо-мазохистички

Специјалното јавно обвинителство пренесува хистерија во јавноста и се однесува садо-мазохистички, возврати битолскиот градоначалник, Владимир Талески, на новинарско барање да ја искоментира реакцијата на СЈО дека Општината одбива соработка со нив.

– Ние сме изненадени од реакцијата на СЈО. Мислам дека ова прераснува во садо-мазохизам и се прави една невидена политичка хајка, атак да се наруши суверенитот на државата. Нашата држава е независна и самостојна и ако продолжи така, таа сè помалку ќе личи на тоа – рече Талески.

Тој тврди дека целосно им стоеле на располагање на СЈО и дека не гледа причина за ваквото однесување, бидејќи, како што вели, на обвинителите им биле дадени и документи кои не биле во нивна надлежност.

– Не сме криминалци и нема да му дозволиме никому тоа да го прави од нас – рече Талески, додавајќо дека очекувал СЈО да ги пофали за одличната соработка.

Севкупното работење на Општина Битола беше еден од првите предмети на СЈО.

Неколкупати обвинителите на Катица Јанева беа во Битола по докази, откако лани во март Основното јавно обвинителство отвори предмет за работата на Општина, по објавувањето на една од „бомбите“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за малверзации со бесплатниот школски превоз, а подоцна предметот го наследи Специјалното јавно обвинителство.