Подглавна секција Такер Карлсон направи интервју со Путин, вечерва ќе се објави – Хилари...

Такер Карлсон направи интервју со Путин, вечерва ќе се објави – Хилари Клинтон го нарече „корисен идиот“

Карлсон се враќа дома преку Белград и рече дека сакал да го интервјуира Путин за да им даде на своите гледачи целосна и новинарски достојна слика за состојбата во Украина и Русија

Такер Карлсон | Фото: Гејџ Скидмор (Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America), CC BY-SA 2.0, Викимедија комонс

Познатиот американскиот конзервативен новинар и ТВ-водител Такер Карлсон најави дека изминатите денови бил во Москва за да го интервјуира рускиот претседател Владимир Путин. Интервјуто ќе биде објавено вечерва на полноќ, на социјалната мрежа Х (поранешно Твитер) и на веб-сајтот на Карлсон.

Тој вели дека му е новинарска должност да им даде на своите гледачи и слушатели целосна слика на ситуацијата. Следно, Карлсон најави дека се обидува да го интервјуира украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според Карлсон, сите досегашни интервјуа на западот со Зеленски немале врска со новинарството, туку само биле пропаганда.

„Две години откако војната во Украина го смени светот, повеќето Американци остануваат неинформирани. Тие немаат поим што се случува во овој регион, во Русија или во Украина. Но, тие треба да знаат, затоа што плаќаат за тоа, на начини што можеби не ги разбираат целосно“, рече Карлсон во видео-најавата за интервјуто.

Поранешната Прва дама на САД и кандидатка за претседател Хилари Клинтон го нарече Карлсон „корисен идиот“.

„Тој кажува работи кои не се вистинити. Ги повторува лагите на Владимир Путин за Украина, па не гледам зошто Путин не би му дал интервју“, рече Клинтон.

Инаку, Карлсон се смета за можеби најпопуларниот конзервативен глас во САД и еден од најпопуларните поддржувачи на Доналд Трамп. Тој е најпознат како водител на својата емисија „Такер Карлсон вечерва“ на „Фокс њуз“ од 2016 до 2023 година, која важеше за една од најгледаните емисии во САД. Неговата емисијата заврши со неговото ненадејно отпуштање. Сè уште не е докрај јасно зошто бил отпуштен, особено имајќи ја предвид неговата гледаност, но неколку новинарски истражувања покажале дека се работеле за приватни пораки во кои тој го критикувал раководството на „Фокс“ и изразувал расистички мислења.