Економија Свежото овошје во јуни поскапо за 18,5 проценти во однос на мај

Свежото овошје во јуни поскапо за 18,5 проценти во однос на мај

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во јуни 2015 година е на исто ниво како и претходниот месец, но е забележано движење во подгрупите.

Пораст е забележан кај свежото овошје за 18,5 проценти, сувото овошје за 4 проценти, маслото и маснотиите за 3,1 отсто, другите прехранбени производи за 1,3 проценти, јајцата за 1 процент, рибата, конзервираната риба и алкохолните пијалаци за 0,2 отсто.

Исто така, пораст на индексот на трошоците за живот е забележан и кај болничките услуги за 6,2 проценти, услугите за сместување за 4,3 проценти, информатичката опрема за 1,9 отсто, течните горива за домаќинствата за 0,4 отсто и големите електрични апарати за 0,3 отсто.

Намалување на индексот на трошоците за живот во јуни 2015 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот зеленчук за 8,6 проценти, конзервираните месни производи за 0,7 отсто, полутрајните колбасичарски производи за 0,6 отсто, трајните колбасичарски производи за 0,5 отсто и месото за 0,2 отсто.

Во јуни, исто така, намалување на индексот на трошоците за живот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 7,4 проценти, гасот за домаќинствата за 4,2 проценти, цврстите горива за 1,2 отсто, обувките за 0,6 отсто, средствата за лична  хигиена за 0,4 отсто, мебелот и течните горива и мазива за 0,2 отсто.

Индексот на трошоците за живот во јуни 2015 година, во споредба со јуни 2014 година, бележи пораст од 0,5 отсто, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0,6 отсто.