Технологија Гаџети Светот збудале по апликацијата за енкриптирани пораки

Светот збудале по апликацијата за енкриптирани пораки

Апликациите за размена на пораки на мобилни уреди водат жестока битка за корисници. „Вац ап“ и „фејсбук месинџер“ убедливо водат според бројот на корисници, но постојат и „помали“ конкуренти кои им земаат дел од пазарниот колач. Меѓу нив е и „телеграм“, апликација која од останатите се издвојува, пред сè, поради фактот дека сите пораки се шират преку особено силна енкрипција.

Од компанијата заслужна за оваа апликација се пофалија дека нивниот систем за размена на пораки постигнува рекордни резултати. Во моментов брои повеќе од 50 милиони активни корисници на месечно ниво, а тој број секој месец се зголемува дополнително за еден милион корисници. Низ „телеграм“, во моментов, се разменуваат повеќе од една милијарда пораки на ден.
Самите автори на апликацијата признаваат дека ги изненадила популарноста, особено зашто на рекламирање немаат потрошено ниту еден долар.

Во моментов имаат корисници од сите делови на светот, а во пораст е бројот на малите компании и тимови кои својата комуникација ја вршат токму преку „телеграм“.