Дописници Сугарески: Демократско право е протестот на транспортерите, но е без аргументи

Сугарески: Демократско право е протестот на транспортерите, но е без аргументи

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, коментирајќи го денешниот протест на транспортерите поради зголемување на акцизата на горивата, рече дека протестот е неспорно демократско право на сите, но три клучни аргументи се против оправданоста на тој протест.

„Прво, зголемувањето на акцизата е поради солидарност со граѓаните. Не е никаков товар за никого. Второ, цената на нафтата во моментов е поевтина за 20 денари. Тврдам дека денеска со најновото намалување на дизелот на 42,5 денари, цената на нафтата е најниска веројатно во последните 20 години. И уште еден аргумент, цената кај нас е најниска од целиот регион,“ изјави Сугарески.

Транспортерите денеска напладне организираа протест во Скопје, со барање да се укине Уредбата за зголемување на акцизата на горивата за три денари. Исто така бараат и да се воведе прогресивен данок на доход за сите стопански и нестопански дејности, како помош за една од трите најзагрозени гранки – транспортот.

Во најавата за протест од „Макамтранс“, соопштија дека досегашните владини мерки се нецелосни, недоволно аргументирани а во транспортот загубите се и до сто отсто.