Македонија Судските работници најавија тридневен штрајк

Судските работници најавија тридневен штрајк

Судските и правосудните работници од среда до петок ќе штрајкуваат, но не предупредувачки, туку целодневно, а в петок ќе протестираат пред Собранието, Министерството за правда и пред Владата на Македонија. Од Здружението на судската администрација на Република Македонија велат дека преговорите со претставниците на Министерството за правда и на Судскиот совет ги прогласиле за неуспешни, бидејќи тоа што го договарале и тоа што требало да произлезе од тие преговори до денес нема конкретен резултат.

– Бидејќи предлог-текстот од средбите со надлежните беше подготвен и доставен до Министерството за правда, очекувавме некакви резултати. Но, тие игнорантски се однесуваа кон организаторите на штрајкот и не добивме никаков повратен одговор. Затоа се договоривме да организираме тридневен штрајк, кој ќе почне в среда и ќе трае до петок – изјави на денешната прес-конференција Борче Мирчевски, претседател на Здружението на судската администрација на Република Македонија.

Верица Тасева, потпретседателка на Синдикатот на УПОЗ, истакна дека штрајкот е договорен како резултат на општото и континуирано незадоволство на судските службеници и на другите вработени во судовите.

– Законот кој е донесен во 2014 година во скратена постапка има бројни противуставни одредби и е рестриктивен. Најголемиот дел од судските службеници имаат плати помали од просечната во земјава. Тоа е и причината поради која сега ги проширивме нашите барања, односно си ги бараме ветените зголемувања од пет отсто и намалување на работното време – нагласи Тасева.