Македонија Судската администрација денеска на протест, од утре на штрајк

Судската администрација денеска на протест, од утре на штрајк

Тие протестираа пред владиното седиште и пред Министерството за правда, а бидејќи не биле прифатени нивните барања на средбата во Министерството за финансии, од утре судската администрација ќе стапи во штрајк

Фото: Архива на Мета.мк

Стотици вработени во судската администрација денеска излегоа на протест во Скопје, со барање за зголемување на нивните плати, и тоа за 78 отсто на минималната плата во судската служба и за 35 отсто на додатокот за плата за судските службеници. Тие протестираа пред владиното седиште и пред Министерството за правда, а бидејќи не биле прифатени нивните барања на средбата во Министерството за финансии, од утре судската администрација ќе стапи во штрајк.

Ова значи дека од утре нема да се одржуваат судски рочишта, а нема да се издаваат ниту документи од судовите. Од утре се предвидени и протести пред сите судови во земјава. За време на штрајкот, предвидено е судството да работи само на случаи за странци, за притворски предмети, како и за времена мерка во Граѓанскиот суд, а нема да се работи на ниту еден друг предмет.

„Напоменуваме дека изминатите пет години во судската служба немало покачување на платите, а се наоѓаме во услови на зголемени трошоци за живот и зголемување на платите на избраните и именуваните лица, односно на судиите при што во судството се направи голема разлика во платите меѓу судиите и судската служба што влијае демотивирачки врз нас“, изјави Јасмина Величкова, претседател на штрајкувачкиот одбор за Основен кривичен суд и претседател на Судската администрација на Македонија.