Македонија Судиите се загрижени оти јавно мора да се бранат од притисоци

Судиите се загрижени оти јавно мора да се бранат од притисоци

Управниот одбор на Здружението на судии на Македонија попладнево одржa седница на која се расправаше за објавените снимки од СДСМ.

На новинарските екипи, кои во 13.30 часот (за кога беше закажан почетокот на седницата) беа собрани пред влезот на Здружението на судии, во зградата на Апелацискиот суд Скопје, им беше речено дека членовите на здружението нема да даваат изјави пред ниту по седницата, а за заклучоците од неа, јавноста ќе биде известена преку соопштение.

За еден час седницата заврши, а здружението издаде соопштение во кое се вели:

„Во контекст на последните случувања и објавени аудиоснимки на една од политичките партии, кои во јавноста се конотираат како директно мешање на судската власт и атак врз независноста на судиите, Здружението на судии на Македонија (ЗСМ) е загрижено и смета дека е непримерно судиите да се стават во состојба јавно да се бранат од притисоци. Управниот одбор на здружението денеска заклучи да го слушне мислењето и да ги сублимира изградените ставови на подружниците на сите судови, по што ќе следи конзинстентен став“.