Дописници Судбината на 1.000 рудари во рацете на Владата

Судбината на 1.000 рудари во рацете на Владата

Компанијата  „Индоминерали и метали“ што управува со рудниците во Крива Паланка и во Пробиштип, не се огласи во јавноста и по една недела откако рударите ја прекинаа работата. Без никакво  објаснување, го откажала автобускиот превоз и ја затворила мензата како одговор на одбивањето на рударите да влезат во јамите.

Од Синдикатот СМЕР, велат дека најверојатно денеска и официјално ќе биде прогласен штрајк. Иако било најавено дека вчера ќе биде исплатена августовската плата, до крајот на денот рударите не биле исплатени, велат од СМЕР.

На потег е Владата. Идната недела, според најавите, Министерството за економија ќе реферира за сосотојбата во рудникот. Заменик-министерот Христијан Делев со вицепремиерот Владимир Пешевски имале средба со синдикатот. Засега одземањето на конесијата на индиската компанија „Индоминерали и метали“ е последното решение. Раководителот на секторот рударство, Ејуп Љатифи, изјави дека понатаму Владата ќе одлучува што со концесијата.

За секретарот на СМЕР, Маре Анчева, проблемот со двата рудника не е само во нередовната исплата на плата.

– Подолго време рудниците се во своевидна агонија, бидејќи недостигаат основни услови за функционирање на окната и соодветна опрема за рударите. На тоа укажуваме подолго време, но засега без резултат – вели Анчева.

Во двата рудника во Добрево и во Тораница работат околу 1.000 рудари. Затворањето на рудниците, макар и привремено, ќе биде погубно за регионот со висока невработеност.

Градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, вели дека тој лично би сакал да работи рудникот, но според законите, кои важат за сите.

„Индноминерари и метали“ на Општина Пробиштип ѝ должи концесија за трите квартали од годината, односно околу 250.000 евра, додека за долг од 25.000 евра, општинското комунално претпријатие ја исклучи водата од управната зграда и од погонот флотација. Долгот ќе го наплатува преку суд. Неофицијално, вчера бил постигнат договор за неплатената струја.