Од утрово во прекин е работата на блокот 2 од битолската термоелектрана, а во моментов производството на електрична енергија продолжува од блокот 3, информираат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Обилните врнежи од дожд, чија количина од над 100 литри на метар квадратен предизвикала надоаѓање на вода и застој во подготовките за поместување на траките кои го пренесуваат јагленот од рудникот Суводол до Термоелектраната.
Сепак, отежнатата работа на рудниците во РЕК „Битола“ не го доведува под знак прашање снабдувањето со електрична енергија на земјава, за која од ЕСМ велат дека е стабилно.
„АД ЕСМ во моментов ги задоволува потребите на електроенергетскиот систем со производство на електрична енергија од РЕК Битола, РЕК Осломеј, од хидроелектраните и од ветерниот парк“, се вели во нивното соопштение.
Од ЕСМ додаваат дека набавка на електрична енергија во моментов нема и не се планира.
„Воедно, во моментов се вршат напори на сите вработени и на менаџерскиот тим на компанијата и на Комбинатот за нормализирање на состојбата со деноноќна работа за решавање на последиците од обилните врнежи од дожд и снег,“ се додава во соопштението.