Економија Струја ќе има доволно, а дали ќе поскапи, ќе видиме

Струја ќе има доволно, а дали ќе поскапи, ќе видиме

Модернизација на мрежата на ЕВН, инвестиции во ЕЛЕМ, енергетска ефикасност, актуелизација на состојбите во нафтениот сектор и гасификација беа темите на денешната конференција „Енергетските предизвици во Република Македонија“.

Електрична енергија ќе има, но дали ќе има зголемување на цената на струјата зависи од условите на енергетскиот пазар, на кој му се потребни инвестиции за да има одржлив развој, односно квалитетна и навремена испорака на енергија.

– Сите овие теми имаат еден заеднички именител, одржливост на енергетскиот сектор. На самиот енергетски пазар, условите ја диктираат цената и тој одржлив развој е невозможен без инвестиции. Без почитување на пазарните цени, тешко ќе се развиваме – изјави претседателот на Здружението на енергетиката при Стопанска комора на Македонија, Ристо Јаневски.

Според Јаневски, поради ниската цена на струјата, голем дел од граѓаните се греат на струја и целта е тој процент во иднина да се намали, а една од алтернативите е гасификацијата.

Според податоците на Еуростат, Македонците плаќаат најниска цена за струјата во регионот. Во Србија цената на струјата се зголеми за 12 проценти, а во Бугарија најавени се поскапувања за следниот месец.