Дописници Струга: Протести пред ЕВН и блокада на улиците

Струга: Протести пред ЕВН и блокада на улиците

По минатонеделните протести на вевчанци и на поунчани, за денеска протест пред објектот на ЕВН – Македонија во Струга, но и блокада на улици, најавија жителите од струшките села Подгорци, Октиси, Лабуништа и Боровец. Тие формираа Иницијативен одбор од претседателите на месните заедници на четирите села.

Жителите од овие села се револтирани поради тоа што имаат чести прекини во електричното напојување, а со тоа, велат, претрпеле и огромни штети.

–Ќе ги блокираме семафорите и крстосницата на влезот во Струга во 13.45 часот, а потоа ќе се упатиме кон зградата на ЕВН во Струга. Сакаме да го изразиме нашиот револт поради однесувањето на ЕВН. Преку мирниот протест, ќе побараме санација и адаптација на електричната мрежа во четирите села, но и да бидеме информирани за секоја работа што ја врши ЕВН на терен кај нас –изјави за „Охрид прес“, претседателот на месната заедница од селото Подгорци, Мирсад Реџоски.

Реџоски додава тој, прекините на струја во овие населени места се многу чести, а најзачестени се по 28 декември минатата година, кога жителите останаа без електрична енергија повеќе од една седмица.

– Немавме струја завчера, а прекин во времетраење од два-три часа имаше и во текот на вчерашниот ден. Овие прекини се случуваат речиси секој втори ден и токму поради тоа не можеме нормално да функционираме – додава Реџоски.
Реџоски тврди дека 56 семејства од Подгорци, како резултат на честите прекини во снабдувањето со електрична енергија, претрпеле и огромна штета во нивните домаќинства. На 27 јануари до ЕВН доставиле и барања со информација за претрпената штета, но до денес не добиле никаков одговор.