Свет Балкан Стево Пендаровски се сретна со претставникот на ЕУ за Балканот, Мирослав Лајчак

Стево Пендаровски се сретна со претставникот на ЕУ за Балканот, Мирослав Лајчак

Пендаровски и Лајчак размениле мислења за актуелните случувања и главните регионални предизвици, за очекувањата од дијалогот Белград-Приштина и за важноста од засилена регионална соработка како еден од клучните предуслови за одржлив мир, стабилност и просперитет на Балканот

Претседателот Стево Пендаровски и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак во Давос | Фото: Кабинет на претседателот

Претседателот Стево Пендаровски се сретна со специјалниот претставник на Европската унија за Западен Балкан и дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак. Како што соопшти претседателскиот кабинет, средбата се одржала во рамки на 54-от годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Пендаровски и Лајчак размениле мислења за актуелните случувања и главните регионални предизвици, за очекувањата од дијалогот Белград-Приштина и за важноста од засилена регионална соработка како еден од клучните предуслови за одржлив мир, стабилност и просперитет на Балканот.

„Во однос на перспективите на Северна Македонија, двајцата соговорници ја нагласија неопходноста од одговорен пристап на сите политички чинители, за обезбедување целосна имплементација на реформските процеси и задржување на европскиот курс на државата“, соопшти кабинетот на претседателот.

Од таму додаваат дека Пендаровски и специјалниот претставник на ЕУ Лајчак ја нагласиле важноста од продолжување на редовната комуникација и размена на мислења и информации од заемен интерес.