Дописници Стариот охридски рибарски чун – нова туристичка атракција

Стариот охридски рибарски чун – нова туристичка атракција

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, со грант од Балканска музејска мрежа, направи веродостојна и функционална реплика на стариот охридски рибарски чун, која ќе стои закотвена како музејски експонат во Лапидариумот кај Куќата на Робевци.

Истовремено, со пробна пловиба, испитана е неговата функционалност во водите на Охридско Езеро.

Во прашање е, всушност, реализација на проектот „Враќање на сеќавањата на стариот охридски рибарски чун“ на Заводот и музеј од Охрид, добиен преку повикот за грантови од Балканска музејска мрежа, а е финансиран од фондацијата „Ставрос Ниаркос“.

– Има уште некои работи кои треба да се дозавршат со презентацијата на чунот во Лапудариумот кај Робевци, како, на пример, настрешница и рекламен материјал, а потоа ќе следува официјалната промоција – објаснува архитектот Горан Патчев.

Охридскиот рибарски чун ќе биде изложбен примерок, а има најави дека ќе се изработуваат и комерцијални чунови. Наскоро ќе биде потпишан и меморандум за соработка со Регионалната занаетчиска комора, во чии рамки ќе се изработуваат мали модели на чунови и ќе се продаваат како сувенири.

– Во Заводот и музеј, стоиме на располагање за консултации во однос на дизајнот, димензиите и слично. На пример, за празникот Богојавление или Водици,од чардакот на чунот може во иднина да се фрла светиот крст во езерските води – додава Патчев.

Изработката на охридскиот рибарски чун налик на старите градски чунови е дело на столарот Горан Димоски, а во реализацијата на проектот помогнаа и кајакарскиот клуб „ЕХО“.