Македонија ССНМ очекува институционална акција за нападите врз Mетаморфозис

ССНМ очекува институционална акција за нападите врз Mетаморфозис

Фондацијата за интернет и општество подолг период и тоа многу успешно, јасно и недвосмислено ги разоткрива, па и ги нагласува лажните вести и дезинформации што очигледно им пречи на групи и поединци, се вели во реакцијата на ССНМ

Лого на ССНМ / Фото: Веб сајт на синдикатот

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници реагира на објавите на социјалните мрежи од последниот период во кои низ дезинформациска кампања со масовно споделување на клевети, навреди и говор на омраза, оркестрирано се напаѓа Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис. Во објавите се таргетираат сегашните и поранешните вработени кои преку нападите се изложени на сериозен ризик и закани по личната безбедност.

„ССНМ смета дека системските напади се загрижувачки бидејќи се континуирани, а како тие не се процесуираат постои опасност од нивно повторување што ќе ја усложни улогата на Метаморфозис и сличните организации во своите активности. Фондацијата за интернет и општество подолг период и тоа многу успешно, јасно и недвосмислено ги разоткрива, па и ги нагласува лажните вести и дезинформации што очигледно им пречи на групи и поединци“, се вели во реакцијата на ССНМ.

Синдикатот очекува и повикуваа на итна и бескомпромисна институционална акција на надлежните.

„Ваквите подли напади освен што се однесуваат на нашите колеги, во исто време го подриваат целокупниот квалитет на новинарската професија“.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници предупредува дека овие форми на пресметки со докажани професионалци најмногу се случуваат во онлајн просторот, и дека токму интернетот е локацијата каде што заканите врз новинарите, опструкциите и најразновидните дискриминации се најприсутни.

„Затоа сметаме дека ваквите клеветнички постапки треба да бидат „сосечени“ во корен“, велат од ССНМ.