Македонија ССНМ и ЗНМ ги осудија заканите кон Героски и порачаа институциите да...

ССНМ и ЗНМ ги осудија заканите кон Героски и порачаа институциите да реагираат

Фото: Архива на Мета.мк

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудуваат заканите кои вчера биле упатени кон главниот уредник на „Плусинфо“, Бранко Героски.

Според информациите кои јавно ги објави Героски, извесен Борче Гиноски на социјалната мрежа му упатил директна закана со зборовите „Гледај да не те бањаат во Вардар“. Според главниот уредник овие закани се обид тој да биде замолчен, односно да прекине со серијалот текстови поврзани со наводна рекетарска група поврзана со владеачката партија.

„ССНМ и ЗНМ сметаат дека ваквите закани претставуваат директен напад на слободата на изразување и слободата на медиумите и изразуваат целосна поддршка на Героски. Исто така ги повикуваме надлежните државни институции да ги преземат сите мерки кои им стојат на располагање за откривање на заканувачот и негово казнување со цел да бидат обесхрабрени сите оние кои во иднина ќе се дрзнат да се закануваат и заплашуваат новинари и медиумски работници. За да имаме функционална демократија потребно е високо ниво на слобода на говор и изразување, а такво нешто не може да се постигне доколку новинарите и медиумските работници работат под постојан притисок и закани, бидејќи тоа е само рецепт за создавање атмосфера на самоцензура“, велат од ССНМ и ЗНМ.

Од таму додаваат дека „овие закани кои претставуваат напад врз слободата на известување и слободата на медиумите ќе бидат пријавени до сите меѓународни организации кои се бават со одбрана на слободата на говорот и изразувањето“.

Новинарот Бранко Героски денеска беше примен и од страна на претседателот Стево Пендаровски кој осудувајќи секаков вид на закани упатени до медиумите, порача дека новинарите треба да ги уживаат сите права и слободи за да можат професионално и без притисоци да работат.

Героски бил и во седиштето на СДСМ кои се оградија и осудија „каков било обид за навреда или за спречување на изразување на слободна мисла на говор“.