Македонија ССНМ ги осуди заканите кон новинарот Видиновски и бара негова заштита

ССНМ ги осуди заканите кон новинарот Видиновски и бара негова заштита

Слободата секој на свој начин да го толкува новинарскиот труд и да си зема за право да се заканува по социјалните мрежи и во коментарите на објавените вести, дури и во лична комуникација, добива на интензитет

Илустрација: ССНМ

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги осудува директните закани кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски и бара од надлежните да постапуваат по очигледната закана по неговата безбедност.

Под објавата на својот Фејсбук профил на неговата репортажа од Пустец, Албанија, Видановски доби сериозни и застрашувачки закани од лицето Виктор Стојанов, кој што има забрана за влез во Македонија на неопределено време. Причината за неговата забрана е поради дејствија насочени против државата. Видиновски е обвинет за лага и доби закани кои водат кон притвор.

„Слободата, секој на свој начин да го толкува новинарскиот труд и да си зема за право да се заканува по социјалните мрежи и во коментарите на објавените вести, дури и во лична комуникација, добива на интензитет и затоа, брза и ефективна реакција на соодветните институции е исклучително важна во делот на сузбивање на веќе востановената пракса”, наведено е во реакцијата на Синдикатот.

Оттаму оценуваат дека ваквите форми на притисоци и директни напади врз новинарите и медиумските работници се закана за слободното изразување и слободата на медиумите, а лесно може да се претворат во посериозно попречување на работата на новинарите која е од јавен интерес.

Во исто време ССНМ бара од Министерството за надворешни работи да реагира до бугарското МНР бидејќи според договорот за добрососедство двете страни се обврзани да регистрираат и постапуваат по акти со говор на омраза кон другата страна.