Дописници Средношколците од Струга изучуваат техники за зачувување на Јабланица

Средношколците од Струга изучуваат техники за зачувување на Јабланица

Средношколците од училиштата „Нико Нестор“ и „Д-р Ибрахим Темо“ од Струга изучуваат техники за зачувување на планината Јабланица.

Предавањата на тема „Биолошката разновидност на планината Јабланица“ се дел од проектот „Младите во движење“, што го спроведува Планинарското еколошко друштво „Закамен“ од Струга.

– Во рамките на проектот ќе бидат поделени памфлети за промоција на настанот. Исто така, предвиден е и младински еколошки камп, кој ќе се организира во селото Горна Белица на крајот од мај. Тука младите директно ќе бидат запознаени со шумските плодови, печурките и со лековитите билки со кои изобилува планината Јабланица, нивно правилно собирање и заштита, а за крај е планирано и составување хербариум. Учесниците на кампот директно ќе можат да посведочат и за последиците од нелегалната сеча во овие предели – објаснуваат од „Закамен“.

Проектот ќе заврши со планинарски марш, чија цел е да се покрене иницијатива за ставање крај на пустошењето на шумите и на бесправната сеча со кои континуирано се уништуваат природните богатства.

В.М.