Maqedoni Поплави во Кумановско, се излеале три реки

Поплави во Кумановско, се излеале три реки

Три реки на територијата на општина Куманово се излеале, по обилните врнежи вчера и денеска наутро и поплавиле куќи, фарми, паркиралишта и пешачки патеки, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.

– На територија на општина Куманово има излевање на Липковска Река, кај локалитетот „Водовод“, каде што се поплавени дел од паркиралиште со возила и пешачки патеки што служат за пристап до станбените објекти. Исто така, поплавена е фарма, но засега не може да се дејствува бидејки сопственикот на истата е недостапен. Липковска Река е излеана и во населбата Средорек, каде што се поплавени две куќи – велат од ДЗС.

Излевање има и на Коњарска Река и поплавени се 15 куќи, а кај селото Долно Којнаре поплавени се земјоделски површини.

Кумановска Река е излеана кај селото Доброшане, при што е поплавена една куќа.

– Кај селото Лопате – Ропаљски Дол, има излевање на реката Луга, при што се поплавени две штали и трактор – соопштуваат од Дирекцијата.

Екипи на ДЗС се на терен, и како што информираат оттаму, досега биле дадени повеќе од 1.000 вреќи за песок, за поставување на одбранбени насипи кај Средорек, локалитетот „Водовод“ и на сите места каде ќе се јави потреба.

– Екипи на ДЗС и на ЈП „Водовод“- Куманово се на терен, ја следат состојбата, донесен е песок и една машина која ќе биде употребена за санирање на оние места каде е неопходно – велат од ДЗС.