Забава Спектакуларен настап на македонски уметници со Дерик Меј во Париз

Спектакуларен настап на македонски уметници со Дерик Меј во Париз

Настапот на Дерик Mеј со оркестарот „Ламуре“ под диригентство на Емин Џијан, го отвори годинашното издание на големиот музички фестивал „Ведер фестивал“ во Париз.

Во рамките на овој престижен фестивал, годинава настапуваат повеќе од 70 артисти на пет различни сцени. Меј настапи со симфониска формација од 40 музичари.

– Концертот во Париз помина фантастично. Публиката буквално „урлаше“ по завршетокот на секоја композиција. Навистина убаво чувство и потврда дека ова што го правиме е добро, бидејќи за мене секогаш публиката е таа која одлучува. Настанот се случи на локација во прекрасниот парк во срцето на Париз – „Боа де Вансен“ . Паркот е трипати поголем од Централ парк во Њујорк и содржи ботаничка градина, зоолошка градина, хиподром, четири езера… Навистина импресивна локација – вели Џијан.

Тој додава дека оркестарот со кој работел е еден од најбитните во Франција. Овој оркестар е основан во 1881 година и има одиграно клучна улога во музичкиот живот во Франција, а и во светот, затоа што има премиерно изведувано некои од делата на великаните Клод Дебиси и Морис Равел.

– Од Македонија, Маријана Николовска настапи како солист, Бојан Угриновски беше зад микс-пултот, а светлосните и визуелните ефекти беа во рацете на Игор Иванов Изи – вели Емин Џијан.

Концертот го сними телевизијата „Арте“, една од најпознатите европски телевизиски куќи што промовираат културна програма, што на проектот му дава уште едно големо значење.

Целиот проект почна мината година под наслов „Музика универзалис“ кога Меј настапи заедно со Македонската филхармонија во Античкиот театар во Охрид.

Следниот настап што го планираат од „Излет мјузик“ и Дерик Меј ќе биде реализиран на 14 август во Детроит, заедно со Детроитскиот симфониски оркестар под диригенство на Емин Џијан.