Македонија Спасена мечка заглавена во сајла во бачило на Шар Планина

Спасена мечка заглавена во сајла во бачило на Шар Планина

На објавеното видео се гледа целиот процес на ослободување на животното, кое прво мора да се седира, за да се види дали има некакви повреди, а потоа се ослободува

Фото: Принтскрин од видео на Националниот парк Шар Планина

По дојава на локален жител од село Бозовце дека во неговото бачило е заглавена мечка, Националниот парк Шар Планина заедно со стручни лица од Зоолошката градина на Град Скопје организирале акција за ослободување на животното, која била успешна.

„Возрасниот мажјак кој беше заглавен во сајла околу 10 часа, беше изморен и исплашен, а по три часа работа, Бозо беше успешно ослободен“, напишаа на својот профил на Фејсбук од НП Шар Планина.

На објавеното видео се гледа целиот процес на ослободување на животното, кое прво мора да се седира, за да се види дали има некакви повреди, а потоа се ослободува.

„Мечките се строго заштитени жители на Шар Планина, а локалното население од планинските села живее во соживот со природата. Упатуваме благодарност до сопственикот на бачилото кој го пријави настанот за да се ослободи мечката. Благодарност и до полициските службеници за напорите да го обезбедат теренот, како и до сите други надлежни институции со кои се координираше акцијата“, велат од НП Шар Планина.