Македонија Советот на јавни обвинители денеска ќе одлучува за предлозите на Јанева

Советот на јавни обвинители денеска ќе одлучува за предлозите на Јанева

Советот на јавни обвинители денеска, 14 октомври, на седница чиј почеток е закажан за 11 часот, ќе решава за изборот на тимот што ќе ѝ помага на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во решавањето на наводите што произлегуваат од незаконското прислушување.

На дневен ред на седницата ќе бидат две точки, односно членовите на Советот ќе го разгледуваат општиот работен, персонален и финансиски план на Специјалното јавно обвинителство, како и изборот на јавни обвинители од листата што Јанева ја достави пред Советот, со имињата на 14 обвинители.

Вчера, во заедничка изјава, од Европската унија (ЕУ) и од Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, порачаа дека „од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да ја изврши својата улога во согласност со законот за водење истраги за прислушуваните комуникации и да го именува тимот на госпоѓа Јанева, за да може нејзиното обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи, независно и без да трпи каков било облик на политички притисок“.

Покрај екипирањето на тимот на Јанева, следниот понеделник истекуваат и крајните рокови за обезбедување на финансиите за работа на Специјалното јавно обвинителство, во согласност со плановите што специјалната обвинителка минатата недела ги достави до Собранието, Владата и до Советот на јавни обвинители и за обезбедувањето простории за работа на специјалното обвинителство.