Свет Европа Состанок за украинскиот мировен процес во Брисел

Состанок за украинскиот мировен процес во Брисел

Претседателите на Франција и на Украина, Франсоа Оланд и Петро Порошенко, и германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Брисел ќе разговараат за мировниот процес на истокот на Украина, јавуваат светските агенции.

Состанокот ќе биде одржан на маргините на дводневниот самит на Европската Унија посветен на решавањето на бегалската криза, кој денеска почнува во Брисел.

Шефовите на дипломатиите на ЕУ, неодамна соопштија дека ќе останат одлучни во примена на санкциите кон Русија додека целосно не се спроведе мировниот договор од Минск.

Договорот од Минск, потпишан во февруари 2015 година со посредништво на Германија и на Франција, и со присуство на Владимир Путин, предвидува прекин на огнот и низа политички, економски и социјални мерки за решавање на украинскиот конфликт.

Повеќе од 9.200 лица загинаа во судирите меѓу украинските сили и проруските бунтовници, кои почнаа во април 2014 година на истокот на земјата.