Македонија Собраниска делегација на гости во турскиот парламент

Собраниска делегација на гости во турскиот парламент

Во организација на Европскиот парламент и Големото национално собрание на Република Турција, на 5 и на 6 февруари 2015 година во Анкара, Република Турција, ќе се одржи парламентарен семинар на тема: „Енергетска сигурност, енергетска ефикасност и поврзаност на земјите од Западен Балкан и од Турција”.

На семинарот ќе учествува делегација од Собранието на Република Македонија во состав од пратениците: Љупчо Димовски, претседател на Комисијата за економски прашања, Крсто Мукоски, претседавач на Комисијата за финансирање и буџет, Солза Грчева и Каљтрина Азизи, членови на делегацијата.

Парламентарниот семинар се очекува да биде отворен од Ибрахим Халил Мазичиоглу, претседател на Комисијата за индустрија, трговија, енергетика, национални ресурси и технологија на Големото национално собрание на Република Турција, Јержи Бузек, претседател на Комисијата во Европскиот парламент за индустрија, истражување и енергетика, Садик Јакут, заменик-претседател на Големото национално собрание на Република Турција.

Во рамките на програмата, предвидено е да се отвори дискусија за поврзаност на земјите од Западен Балкан и Република Турција, од аспект на перспективите на Република Турција. Се очекува на семинарот да се дебатира и да се отворат прашања за енергетската сигурност на Европска Унија, за достапноста на енергетските ресурси на земјите од Западен Балкан и на Република Турција, внатрешниот пазар на енергија во Европска Унија, состојби и перспективи, сегашните и идните потреби на нафта, гас, електрична енергија и на обновливи извори на енергија на земјите од Западен Балкан и на Република Турција, транспорт и складирање.

На вториот ден на семинарот се очекува да се дебатира и да се отворат прашања за поврзаноста на земјите од Западен Балкан и Република Турција, перспективата на земјите, индивидуалните проширувања и Европската комисија, значењето во светот и во регионот на енергетската сигурност, како и за соработката на Европска Унија, земјите од Западен Балкан и Република Турција, инвестициски проекти за електрична енергија, гас и обновливите извори на енергија.

На претстојниот парламентарен семинар ќе учествуваат европратеници, претставници од парламентите на земјите на Западен Балкан и на Република Турција, претставници од Европската комисија, експерти, за да ги споделат регионалните искуства и видувањата за идните предизвици во овој домен, со акцент на размена на информации меѓу учесниците.