Македонија Собранието го усвои Законот за заштита од дискриминација

Собранието го усвои Законот за заштита од дискриминација

Фото: Мета.мк

Собранието денеска го усвои Законот за спречување и заштита од дискриминација, откако во петокот беше исцрпена расправата. За Законот гласаа 52 пратеници, тројца беа воздржани, а против немаше.

Расправата по предлог-законот за антидискриминација, кој е со европско знаменце, мина во спротивставување на ставовите на власта и опозицијата во однос на придобивките од ова законско решение, колку тој е во функција на заштита и унапредување на правата и слободите на граѓаните, наспроти заштитата на традиционалните вредности.

За власта законот е европски, демократски, со него се унапредуваат човековите права и слободи по сите основи, за опозицијата со него се отвора можноста за редефинирање на категоријата семејство, бришење на бракот како заедница на маж и жена, нови критериумите за посвојување и нови курикулуми во училиштата.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред пратениците појасни дека станува збор за законско решение со кое се почитуваат европските и меѓународните стандарди за заштита на граѓаните од секаков вид дискриминација.

-Опфатени се сите основи за дискриминација, а со него се воспоставуваат и ефикасни механизми за заштита, рече Царовска и додаде дека прв пат се овозможува работа на експертска комисија за заштита од дискриминација.

Претходно Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата одржа протест пред законодавниот дом и побара законот да биде донесен бидејќи осум месеци беше заглавен во Собранието. Тие ја осудија реториката која ја користат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на парламенатарната говорница, со која не само што ги етикетираат маргинализираните заедници, туку и отворено поттикнуваат дискриминација и насилство кон нив.