Главна секција Собранието го изгласа буџетот за 2016 година

Собранието го изгласа буџетот за 2016 година

Со 66 гласа „за“ и со 28 гласа „против“, пратениците во Собранието, пред полноќ, го изгласаа буџетот за 2016 година. Станува збор за досега најголем буџет, кој тежи 3,2 милијарди евра.

Опозицијата гласаше против, бидејќи, како што пратениците повеќепати истакнаа за време на петдневната дискусија, овој буџет е расипнички, недомаќински, нереален, неразвоен, нетранспарентен. Буџет, кој, според нив, ќе ги зголеми сиромаштијата, задолжувањето и иселувањето.

За пратениците на власта, пак, тој е развоен во насока на стимулирање инвестиции, за поддршка на малите и на средни претпријатија и во него се застапени социјалната и капиталната компонента.

Министерот за финансии, Зоран Ставрески, од собраниската говорница порача дека буџетот што вечерва се гласаше е во корист на граѓаните на Македонија и се заблагодари на конструктивноста на опозициските пратеници за време нa дебатата, а за тие кои се од власта изјави дека добро ја познаваат тематиката.

Дел од ставките на буџетот за 2016 година се следните:

– Вкупните приходи се планирани на ниво од 176.804.000.000 денари, што е за 6 проценти повисоко од годинава.

– Вкупните расходи се проектирани на 195.788 милиони денари, кои се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015 година.

– Буџетскиот дефицит ќе изнесува 18.984 милиони денари и ќе биде 3,2 проценти од БДП.

– Капиталните инвестиции се планирани на 25.092 милиони денари.

– Порастот на економијата се очекува да биде 4 проценти од БДП, а инфлацијата 2 проценти.

– За плати на администрацијата предвидени се 421,2 милиони евра.

– За набавка на стоки и услуги, предвидени се 321,4 милиони евра.

– За зголемени пензии планирани се вкупно 791,3 милиони евра.

– За здравствена заштита на граѓаните предвидени се 406,2 милиони евра.