Македонија Собранието ќе формира анкетна комисија за прислушувањето

Собранието ќе формира анкетна комисија за прислушувањето

Да се формира анкетна комисија за утврдување на аспектите и на наводите поврзани со случајот со прислушувани разговори, договорија партиите во Собранието на Република Македонија. Оваа комисија, според најавите, би профункционирала кога пратениците од опозицијата ќе се вратат во Собранието и со неа би претседавал опозициски пратеник, соопшти претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

„На денешната координативна средба на претседателот на Собранието со потпретседателите и со координаторите на пратеничките групи, донесен е заклучок за формирање анкетна комисија за утврдување на аспектите и на наводите поврзани со случајот со прислушувани разговори. Анкетната комисија ќе биде формирана во оној момент кога пратениците од опозицијата што припаѓаат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и останатите партии во коалицијата ќе се вратат во парламентот, што, впрочем, претставува клучна порака од меѓународната заедница. Со анкетната комисија ќе претседава пратеник од опозицијата“, се вели во соопштението.