Македонија Со измените на Кривичниот законик Груевски не се враќа во Македонија, тврди...

Со измените на Кривичниот законик Груевски не се враќа во Македонија, тврди Пендаровски

„Тврдам, досега не се вратил, заради овие измени нема ни да се врати, тоа е сигурно“, рече Пендаровски во интервјуто за „Гласот на Америка“

Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Со последните измени на Кривичниот законик, Никола Груевски нема да се врати во Македонија. Досега не се вратил, поради овие измени нема ни да се врати, тоа е сигурно, вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за „Гласот на Америка“, дадено по неговото обраќање во ООН.

„Тврдам, досега не се вратил, заради овие измени нема ни да се врати, тоа е сигурно“, рече Пендаровски.

Сепак, тој не може да гарантира сценарио дека Груевски би бил испорачан пред правдата во случај да се врати во државата.

Запрашан каква порака очекува од американска страна по ставот на Стејт департментот за измените во Кривичниот законик дека корупцијата може да ги поткопа аспирациите на Северна Македонија, Пендаровски вели дека ваквиот став на американската влада не доаѓа директно по измените на Кривичниот законик, туку тоа биле веќе познати ставови и од европски претставници. Тој се согласува дека државата нема доволно напори за намалување на корупцијата.

На прашањето зошто ги дозволи измените на Кривичниот законик, Пендаровски рече „затоа што самата содржина на измените не ја провоцира корупцијата.“

„Текстот на законот вели минимално се намалуваат казните за лежење затвор – значи не се укинуваат и нема амнестија – и второ се прошируваат основите и се олеснува процедурата за конфискација на имот“, вели Пендаровски во интервјуто.

Тој смета дека главниот проблем е во неспроведување на законите, нивната селективна примена или „обидите да се најдат ‘дупки’ во законите“.