Дописници Со експлозив минирани карпите над село Шипковица

Со експлозив минирани карпите над село Шипковица

Со дваесет килограми експлозив, минирани се четирите карпи над селото Шипковица и над патниот правец Шипковица – Бродец. Минирањето го извршија армиски единици.

Големите карпи преставуваа опасност за селото и за патот. Нивната стабилност во невремето што се случи на 6 август годинава се наруши и секој пороен дожд и поголемо невреме, преставуваше ризик тие да се струполат врз домовите на жителите од Шипковица, а дел од нив да завршат и над патниот правец Шипковица – Бордец.

– Селаните од овој крај сега ќе се чуствуваат безбедно. Опасноста од овие карпи беше да го уништат патот кон Бродец, кој сега се гради, а опасноста од другите две карпи е да ги уништи домовите во Шипковица во услови кога има големи поројни дождови – изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Карпите беа урнати преку систем на минерски дупнатини, а експлозивот беше врзан сериски. Четирите карпи беа големи околу 300 кубни метри.

Пред десетина дена беше урната уште една карпа над село Шипковица, но уривањето поради безбедносни причини се изведуваше рачно, со соодветен алат.