Главна секција Со Бугарија заедно ќе ги чествуваме Св. Кирил и Методиј, Св. Климент,...

Со Бугарија заедно ќе ги чествуваме Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил

Министрите на вчерашната 143. седница на Влада биле информирани дека Северна Македонија и Бугарија го разгледале Годишниот извештај на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и предлозите до владите кои се содржани во него, биле разменети оценки за досегашната работа на комисијата и постигнатиот напредок во делот на античката историја.

„Прифатени се сугестиите за заедничко чествување на следните личности од нашата заедничка историја Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил. Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува. Се прифаќаат заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за 5 одделение во Република Бугарија и за 6 одделение во Република Северна Македонија (Праисторија и Античка историја). Се поддржува предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за 6 одделение во Република Бугарија и 7 одделение во Република Северна Македонија (Среден век) до крајот на 2019 година“, информираат од Влада.

Од Владата и препорачуваат на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања решително да ја забрза својата активност за значајни теми од, како што велат, заедничка историја (Гоце Делчев, Илинденското востание и други), и да настојува да се постигнат реални резултати до крајот на 2019 година, во однос на содржината на учебниците.

„Прифатено е во својата работа Комисијата строго да се придржува кон одредбите од чл. 8, т. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, која нагласува дека е неопходен „придонес за објективно, засновано на автентични и засновани историски извори за научно толкување на историските настани““, се додава во соопштението.