Македонија СНС Македониум: Тодор Петров е портпарол и активист во сенка на ВМРО-ДПМНЕ

СНС Македониум: Тодор Петров е портпарол и активист во сенка на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Светскиот македонски конгрес (СМК), Тодор Петров, наместо да ги застапува националните интереси, стана портпарол и активист во сенка на ВМРО-ДПМНЕ, вели за „Мета“ заменик-претседателот на новоформираниот Семакедонски национален совет – Македониум, Никола Ставрески.

Тој вели дека Семакедонскиот национален совет – Македониум е национална и непартиска организација, а разликата меѓу нив и СМК е што тие работат тимски и координирано, додека Светскиот македонски конгрес е „човек организација“.

– Ние, Македонците од целата дијаспора, најдовме заеднички јазик по прашањето дека е потребно да се обединиме во една таква организација, преку која, во една позитивна насока, ќе ги штитиме интересите на македонскиот народ. Ние сме национална, непартиска организација и нашата комуникација, засега, се одвива само по електронски пат, затоа што технологијата тоа го овозможува. Што се однесува до прашањето за Светскиот македонски конгрес, за нас тоа е човек – организација и разликата, меѓу нас и т.н. СМК, е во тоа што ние работиме тимски и координирано. Тимот од СМК е во нашите редови и свесно се дистанцираа од Тодор Петров, затоа што тој наместо да ги застапува националните интереси стана потпарол и активист во сенка на ВМРО-ДПМНЕ – вели Ставрески.

Семакедонскиот национален совет – Македониум, како што беше наведено во нивниот проглас, е формиран на 19 јануари оваа година, на Богојавление – Водици, од страна на истакнати Македонци од Австралија, Америка, Канада, Словенија, Швајцарија, Италија и од други земји на дијаспората, како и од Република Македонија.

Целта на организацијата е, како што се наведува во прогласот, одбрана на македонските национални интерси.

За претседател е избран Страшко Олумчев, додека заменици претседатели се Нестор Огинар, Никола Ставрески, Ристо Поповски-Лавот, Виолета Матијевиќ и Ицо Најдовски-Перин.