Македонија Службените лица ќе мораат на психијатар за да ракуваат со оружје

Службените лица ќе мораат на психијатар за да ракуваат со оружје

Службените лица кои поседуваат оружје, освен редовните систематски прегледи, ќе мора да посетат и психолог и психијатар. Ваква одлука е донесена на последната седница на Владата, на која се разгледувале неколку законски решенија кои ќе бидат вметнати во повеќе закони. Портпаролот Александар Ѓорѓиев рече дека психолозите и психијатрите ќе треба да дадат извештај за психичката состојба на службеникот и да кажат дали тоа лице може безбедно да ракува со оружје.

Откако ќе почне официјална постапка за кривично дело или некаков прекршок со елементи на насилство, МВР и центрите за социјални работи ќе мораат во рок од 24 часа да ја известат институцијата во која работи лицето, а институцијата ќе мора да му го одземе оружјето и муницијата. По ова, осомничениот ќе биде подложен на психолошки и на психијатриски прегледи.

– Претпоставениот на лицето кое се сомничи за насилство е должен вработениот да го прераспредели на друга должност, на која ќе нема никаков допир со оружје – рече Ѓорѓиев.

Како што посочи портпаролот, со овие измени се овозможува институциите навремено да реагираат за да се намалат случаите на овој вид девијација во Македонија.