Подглавна секција Словачкиот премиер Роберт Фицо ја прекина воената помош за Украина

Словачкиот премиер Роберт Фицо ја прекина воената помош за Украина

Тој исто така рече дека нема да гласа за какви било санкции против Русија ако нема анализи за нивното влијание врз Словачка

Украинска единица за противвоздушна одбрана. Фото: ukrinform.net

Новиот премиер на Словачка, Роберт Фицо изјавил дека неговата трипартиска коалициска влада ја запира воената помош за нејзиниот источен сосед Украина, со што всушност исполни едно од неговите централни предизборни ветувања, пренесе „Гардијан“.

Пред да се упати на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, Фицо им рекол на пратениците дека Словачка „повеќе нема да испорачува оружје на Украина“, туку ќе продолжи да испраќа хуманитарна помош за својот сосед разурнат од војна.

„Не поддржувам воена помош за Украина. Итно да запрат воените операции е најдоброто решение што го имаме за Украина. ЕУ треба да се промени од снабдувач со оружје во миротворец“, додаде новиот премиер.

Тој исто така рече дека нема да гласа за какви било санкции против Русија ако нема анализи за нивното влијание врз Словачка.

Словачка претходно беше силен поддржувач на Кијив по руската инвазија врз Украина и донираше муниција и оружје од својата флота од борбени авиони МиГ-29 од советската ера, а ги отвори и своите граници за бегалците кои бегаат од војната.