Дописници Скршена двојазичната табла на ПИОМ во Охрид

Скршена двојазичната табла на ПИОМ во Охрид

Откако вработените веќе дошле на работните места, засега непознати сторители утрово ја искршиле двојазичната табла поставена на влезот од зградата каде е сместена подрачната единица на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) во Охрид.

Таблата е поставена кон крајот на минатата година и досега никому не му пречеше, исто како што двојазични табли се поставени и во зградата на локалната самоуправа, каде се сместени испостави на републички институции.

Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид, за „Мета“ го потврди настанот, кој го пријавиле вработените од фондот. Тој кажа дека таблата била скршена меѓу 8 и 9 часот.

Некои медиуми јавија и за тепачка, но Димоски во изјава за „Мета“ го негираше тоа.

– Во некои медиуми се раширија дезинформации дека имало тепачка или какво било друго нарушување на јавниот ред и мир во случајот со скршената табла на ПИОМ, но такви работи не се регистрирани – изјави Димоски.

Тој вели дека СВР Охрид има сознанија за можниот сторител и дека во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот.