Македонија Скопскиот воздух и денеска многу загаден

Скопскиот воздух и денеска многу загаден

Концентраците на ПМ2,5-честичките измерени претпладнево до 10 часот на мерната станица во Карпош изнесуваат околу 570 микрограми на кубен метар, што е 19 пати повеќе од максималната граница на прифатливата концентрација, а на ПМ10-честичките стасува до 630 микрограми на кубен метар, што е 12,5 пати повеќе од прифатливото, стои на веб-страницата за загаденоста на воздухот што ја изработи Министерството за животна средина и просторно планирање.

Мерната станица во Центар покажува дека според последните мерења претпладнево, во воздухот се регистрирани 12,5 пати повеќе ПМ2,5-честички од дозволеното, а не е направено мерење за ПМ10-честички.

Во Лисиче состојбата со ПМ10-честичките е најлоша, односно има до 800 микрограми на кубен метар. Таму состојбата со честичките ПМ2,5 не се мери.

Многу високо ниво на загаденост со ПМ 10 честички е регистрирано на мерните места Гази Баба и Ректорат, додека високо ниво е регистрирано на мерните места Тетово и Велес 2.

Во Куманово и во Кавадарци исто така има многу високо ниво на ПМ10 честички – во Куманово се регистрирани 500 микрограми на кубен метар, односно 10 пати повеќе од дозволеното, додека во Кавадарци 250 микрограми, односно петпати повеќе од дозволеното.

Најопасни, според познавачите, се ПМ2,5-честичките кои навлегуваат во белите дробови и се задржуваат таму. Според податоците од здравствените работници, на годишно ниво во земјава како последица од загаденоста на воздухот умираат 1.200 граѓани.