Култура Скопски филмски фестивал со 75 филмови за јубилејот

Скопски филмски фестивал со 75 филмови за јубилејот

На свеченото отворање на годинашното, јубилејно, 20. издание на Скопскиот филмски фестивал, задутре во киното „Милениум“ ќе биде прикажан филмот „Реквием за госпоѓа Ј“, а присутни ќе бидат актерката Мирјана Карановиќ и режисерот и сценарист Бојан Вулетиќ.

Годинашното издание содржи повеќе од 75 филмови, работилници и гостувања на реномирани филмски имиња, а во програмата е и првата македонска ретроспектива на Стенли Кјубрик. Првпат ќе се одржи и програмата „Креираме заедно“.

Програмите од 20 до 28 април ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотека на Македонија и во кино „Фросина“.

Филмот што ќе го отвори фестивалот беше дел од официјалната програма „Панорама“ на 67. Берлински филмски фестивал. Се работи за соработка на српска, македонска, руска, бугарска и на француска продукција, која ја раскажува приказната за службеничката Јелена, која решава да изрши самоубиство, но сфаќа дека ништо не е едноставно во земјата што постојано оди напред – назад меѓу мака и транзиција.