Македонија Сиљановска-Давкова на средба со генерал-мајор Грегори Најт и со заменик-амбасадорката на САД

Сиљановска-Давкова на средба со генерал-мајор Грегори Најт и со заменик-амбасадорката на САД

Националната гарда на Вермонт има важна улога во исполнувањето на стандардите на НАТО и влезот на државата во Алијансата, наведено е во соопштението на претседателскиот кабинет

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Охрид ги прими генерал-мајор Грегори Најт, командант на Националната гарда на Вермонт и заменик-амбасадорката на САД, Никол Варнс. Како што информираат во претседателскиот кабинет, на средбата било разговарано за соработката на Македонија со Националната гарда на Вермонт, како и за поддршката што САД од почетокот на независноста ја дава за евроатлантските интеграции на нашата држава.

„Претседателката се заблагодари за поддршката на проектите за модернизација и опремување на Армијата и ја истакна важната улога што Националната гарда на Вермонт ја имаше за исполнување на стандардите на НАТО и влезот на државата во Алијансата“, информираат оттаму.

На средбата било разговарано и за соработката во рамки на НАТО алијансата и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија на Украина. Претседателката Сиљановска Давкова ја реафирмирала посветеноста на државата да придонесува, согласно можностите и капацитетите во справувањето со заедничките закани.