Македонија Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ има 63 објекти на различни локации

Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ има 63 објекти на различни локации

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција истакна дека премиерот Никола Груевски се плаши од заминување од премиерската позиција.

– На Никола Груевски му е јасно дека неговиот криминал, неговата корупција и изборниот грабеж што го спроведе, нема да останат неказнети. Денеска јавноста ќе добие уште еден доказ зошто Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ го кршат Договорот од Пржино и по секоја цена се обидуваат да го оневозможат нормализирањето на институциите и враќањето на правната држава. Затоа што станува збор не само за личен, не само за семеен, туку и за партиски криминал – изјави Шилегов.

Тој истакна дека во текот на 2014 година и мал дел од 2015 година, политичката партија ВМРО-ДПМНЕ купила огромен имот низ цела Македонија.

– Дури 63 објекти на различни локации, со вкупна квадратура од близу 12.000 квадратни метри. Само објекти, без земјиште, најголем дел во Скопје. Вкупниот приход што ВМРО-ДПМНЕ го прикажала за 2014 година изнесува помалку од 4 милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ, како и нејзините функционери, со малку пари купува огромен имот. Очигледно е дека додека се крадела државата, се богатела не само фамилијата, туку и партијата. Колку чини вкупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ? – прашуваат од СДСМ.