Македонија Шилегов: Власта даде 80 милиони евра за шест катни гаражи

Шилегов: Власта даде 80 милиони евра за шест катни гаражи

„Нели власта на Груевски најави дека „Скопје 2014“ ќе чини 80 милиони евра, е толку чинат само шест катни гаражи во Скопје. Две од гаражите се недоправени, што значи ќе влечат уште народни пари, најмалку две од нив се во распад, но она што ќе ве шокира, како и нас, е следново: за само едно паркинг-место плаќаме до неверојатни 50.000 евра“, обвини денеска на прес-конференција Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ.

– Еве, да ја земеме за  пример катната гаража од „Скопје 2014“, „Даме Груев“. Чини повеќе од 30.956.068 евра, капацитетот на гаражата е 600 паркинг-места. Ова значи дека граѓаните на Македонија, за само едно паркинг-место во оваа катна гаража, плаќаат 51.593 евра. Катната гаража на Мито Хаџивасилев Јасмин, чини 12 милиони евра. Има капацитет од 445 паркинг-места. Тоа се речиси 30.000 евра (28.507 евра) за едно паркинг-место, а патриотската гаража „Солунски конгрес“, зад Пошти, отишле 7,3 милиони евра, пари на граѓаните. По само месец и половина, лифтовите почнаа да тресат, а на столбовите им затребаа стабилизатори. Само некој километар понатаму, во мувла и во влага, се топат 5,7 милиони евра што ги изеде гаражата кај Судска палата – рече Шилегов.