Во Финска се одржа прес-конференција за Ковид-19 на која деца поставуваа прашања

Во време на корона криза, Финската влада одвои време да одржи прес-конференција наменета за деца. Премиерката Сана Марин, министерката за образование Ли Андерсон и министерката за наука и култура Хана Косонен, одговараа на прашања поставени од страна на децата во врска со корона вирусот и неговите ефекти.

Ова е прв случај во Финска, кога децата ја преземаа улогата на новинари, поставувајќи прашања како: „Кога можеме да се вратиме на училиште?“, „Дали ќе можеме да одиме во забавниот парк ова лето?“, „Кога можеме да ги посетиме нашите баби и дедовци?“, „Што можеме да сториме ако се чувствуваме стресни или исплашени поради ситуацијата?“, „Дали е фер во случај на настава од дома некои деца да може да спијат подолго од останатите?“.

Покрај овие прашања, децата се интересираа и колку долго ќе трае ситуацијата, односно кога сè ќе се врати во нормала.

„Ова е многу добро прашање, но исто така е многу тешко да се одговори. Ние во владата веруваме дека веројатно ќе мора да бидеме внимателни во однос на вирусот уште долго време. Правилата што ги донесовме, за тоа колку е важно да ги миете рацете и да ги одржувате оддалеченост од другите луѓе и да не ги посетувате вашите баби и дедовци, лично веруваме дека ќе треба да се практикува доста долго во Финска, дури и на есен“, појасни министерката за образование, Ли Андерсон.

Последното прашање упатено до надлежните беше: „Што можам да направам за Финска?“

„Најважната работа на децата во моментов е да продолжат со учење од дома, да бидат сигурни дека тие продолжуваат да учат и покрај тоа што ова не е на начин како претходно. И, се разбира, многу е важно да останете во контакт со роднини, пријатели и други луѓе. Мислам дека многу баби и дедовци се многу среќни кога некој се јавува и ги прашува како се“, одговори премиерката Марин.

„Вие веќе правите многу. Знаеме дека учењето на далечина не е најлесната работа во светот. Друга работа што можете да ја направите, и што мислам дека е многу важна, е што не треба да се грижите само за вашите баба и дедо, туку и за вашите пријатели. Ако забележите дека не сте разговарале со некој од соучениците долго време, или ако некој се чини нерасположен и тажен, или не учествувал на часовите од дома како вообичаено, тогаш апсолутно е добра идеја да прашате како се и дали можете некако да им помогнете“, ги советуваше премиерката.

Од средината на март 2020 година, скоро сите ученици во Финска учат од дома, одржувајќи ја наставата преку Интернет, поради мерките што се воведоа да го забават ширењето на „Ковид-19“.

Финска во моментов се соочува со 4.576 заразени. Од вирусот закрепнаа 2.500, а починаа 190 лица.