Македонија Шилегов: Верушевски е монтиран политички случај

Шилегов: Верушевски е монтиран политички случај

На денешната прес-конференција, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, одговорајќи на новинарско прашање за случајот со апсењето на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, рече дека случајот е политички монтиран.

– Во согласност со информациите што се достапни во јавноста, како и од исказите на адвокатот на господинот Верушевски, станува јасно дека претресот во неговиот дом е направен под сомнеж за шпионажа. Но, потоа, господинот Верушевски е осомничен за нелегално поседување оружје и за наводно прикажување порнографски материјал на дете. И последното, мерката притвор му е изречена само и исклучиво за нелегално поседување оружје. Ова говори дека во случајот на господинот Верушевски се работи за монтиран политички случај. Раководството на СДСМ нема блиски контакти со господинот Верушевски. Но, тој е поранешен висок државен функционер. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија внимателно го следи развојот на неговиот случај. Ако институциите брзо не го расчистат хаосот околу Верушевски, од партијата ќе следи соодветна реакција – изјави Шилегов.