Македонија Шилегов: Партиите да ги изгласаат измените на Законот за заштита на сведоци

Шилегов: Партиите да ги изгласаат измените на Законот за заштита на сведоци

Пратеничката група на СДСМ и на здружената опозиција, до Собранието на Република Македонија достави барање за свикување итна седница, на која на дневен ред ќе бидат предлог-закон за измена и за дополнување на Законот за заштита на сведоци и предлог-закон за измена на Законот за Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите или Специјалното јавно обвинителство.

– Со донесување на овие закони, ќе се поддржат барањата на независната институција Специјално јавно обвинителство со единствена цел – да се овозможи непречена работа и остварување на целта за неговото формирање. Очекуваме оваа седница да биде закажана во најкус можен рок. Граѓаните имаат огромна доверба во Специјалното јавно обвинителство и оттаму наша обврска е да направиме сè што е потребно оваа институција да го расчисти скандалот со прислушувањето и да го отвори патот за правната држава. Кражбата ќе запре, парите ќе ги вратат. Правда ќе има – рече пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов.

Тој ги повика сите парламентарни политички партии да се приклучат и да дадат поддршка на оваа иницијатива и сите пртеници поединечно да дадат лична поддршка за донесување на овие закони.