Економија Шест компании сертифицирани според Халал-стандард

Шест компании сертифицирани според Халал-стандард

На шесте компании, „Анета компани“, „Шест браќа“, „ХИТ 73“, „Витаминка“, „Алкалоид“ и „Виапром“, кои во текот на првиот квартал од 2016 година воведоа Халал-стандард, денеска на свечена церемонија им беа доделени сертификатите од Агенцијата за Халал-стандард во Македонија, која работи во рамки на ИВЗ.

Министерот за економија, Дритон Кучи, на средбата по повод доделувањето на сертификатите, ги покани компаниите да аплицираат за мерката воведување Халал-систем, која е дел од програмата за конкурентност, иновации и за претприемништво за 2016 година на Министерството за економија и за која годинава се обезбедени речиси 2 милиона денари.

– Препознавајќи го значењето од воведување на стандардите за квалитет за деловните субјекти, а за да обезбеди континуирана поддршка на економијата и на компаниите, Министерството за економија веќе четврта година по ред ја реализира мерката – финансиска поддршка за Халал-систем, со која покриваме 70 отсто од  направените трошоци. Досега се субвенционирани 19 компании, а годинешниот јавен повик трае до крајот на мај – истакна Кучи.

Тој потсети дека воведувањето на овој стандард покрај тоа што ја подобрува конкурентноста на претпријатијата и го олеснува настапот на нови пазари, исто таа ги приближува производите до синонимот за здрава храна за кои сè поголем е интересот на потрошувачите независно од верската припадност.

– Да не заборавиме дека светскиот Халал-пазар се проценува на 650 милијарди долари, а европскиот на околу 66 милијарди долари годишно, што значи дека овој пазар е најбрзорастечки пазар – рече Кучи.

Од 2009 година до денес, Халал стандард имаат воведено 27 компании, главно од прехранбената индустрија, фарми и кланици. Уште осум компании се во фаза на имплементирање на стандардот.