Македонија Шекеринска: Зголемени се платите во АРМ, ќе примиме нови 375 професионални војници

Шекеринска: Зголемени се платите во АРМ, ќе примиме нови 375 професионални војници

Зголемувањето од 10 отсто за сите припадници на Армијата започнува со јануарската плата, а оваа година во редовите на АРМ ќе бидат примени и нови 375 професионални војници, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска, при денешната посета на Здружената оперативна команда во кумановската касарна „Боро Менков“.

Таа најави дека првиот конкурс за прием на дел од планираните 375 професионални војници ќе биде објавен во јануари. Втор конкурс ќе има пред почетокот на летото, а третиот ќе се распише кон крајот на годинава.

Министерката за одбрана појасни и дека во годинашниот план за јавни набавки се предвидени пари за нова основна и резервна униформа за секој припадник на АРМ. Таа најави технички дијалог со македонските текстилни компании, на која Министерството за одбрана ќе ги презентира своите барања и изрази надеж дека може да се случи и припадниците на АРМ да користат домашно произведени униформи.